Фото: ЕПА

Во нападот со нож во трговскиот центар Вестфилд Бонди Џанкшн во источен Сиднеј загинаа шест лица, а напаѓачот е застрелан, соопшти австралиската полиција.

Повредени се неколку лица, меѓу кои и деветмесечно бебе на кое му била извршена операција. Како што неофицијално јавуваат австралиските медиуми, мајката на бебето им подлегнала на повредите во болница и таа е шестата жртва во нападот.

За време на нападот во трговскиот центар случајно се нашла и полицајка која брзо го фатила напаѓачот, а кога тој се свртел и замавнал со нож кон неа, таа пукала во него, соопшти полицијата.

Се верува дека напаѓачот, 40-годишен маж, кој допрва треба официјално да биде идентификуван од полицијата, дејствувал сам и оти нападот не е поврзан со тероризам.

Австралискиот премиер Ентони Албанез изрази сочувство до семејствата на жртвите.

– Информиран сум за ужасните настани на Бонди Џанкшн. За жал, пријавени се повеќе жртви и првите мисли на сите Австралијци се со жртвите и нивните најблиски. Нашите срца се со повредените и им благодариме на оние што се грижат за нив, како и нашите храбри полициски и служби за прва помош – напиша тој на Х.