Премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон се согласи да поднесе оставка, објавија денеска дел од британските медиуми. „Би-би-си“ објави дека Џонсон денеска ќе поднесе оставка од функцијата претседател на Конзервативната партија, а на премиерската функција ќе остане до есен.
Конзервативната партија во текот на летото ќе треба да избере нов лидер, кој ќе биде именуван за премиер. Министерот за финансии Надим Захави, само 36 часа откако стапи на функција, побара Џонсон да поднесе оставка.
– Ова не е одржливо и само ќе се влошува за вас, за Конзервативната партија и што е најважно за целата земја. Мора да ја направите вистинската работа и да заминете сега – напиша Захави на Твитер.
Досега 57 членови на британската Влада поднесоа оставка.
Додека британскиот министер за одбрана Бен Волас ја повлече поддршката за Џонсон, но истакна дека нема да поднесе оставка.
– Некои од нас имаат обврска да ја чуваат оваа земја безбедна, без оглед кој е премиер. Партијата има механизам да го смени лидерот и тоа е механизам што треба да го искористат колегите. Јавноста не би ни простила доколку ги оставиме празни овие државни канцеларии – посочи Волас.