Фото: ЕПА

Портпаролката на Алексеј Навални, Кира Јармиш денеска рече дека неговото тело не било во мртовечницата во Салехард, град во близина на затворската колонија каде вчера Навални почина.

Портпаролката Јармиш, рече дека мајката и адвокатот на Навални ја посетиле мртовечницата, но таа била затворена, и покрај уверувањето од затворската колонија дека таа работи и дека телото на Навални е таму.

„Телото на Алексеј не е во мртовечница“, напиша Јармиш на „Икс“.

Персоналот во казнената колонија ја известиле мајката и адвокатот на Навални дека тој починал од „синдром на ненадејна смрт“, објави денеска Иван Жданов, истакнат сојузник на Навални.

Навални, 47-годишен поранешен адвокат, падна во бесознание и почина вчера по прошетка во казнената колонија на „Поларен волк“ во Харп, на околу 1.900 километри североисточно од Москва, каде што издржувал казна, соопштија од затворската служба.

Портпаролката на Навални, Кира Јармиш, рече дека мајката на Навални, Људмила, добила официјално известување за неговата смрт.

– Бараме телото на Алексеј Навални веднаш да му биде предадено на неговото семејство –  рече Јармиш.

Засега, вчерашното соопштение на затворската служба е единственото официјално соопштение за смртта на Навални.

Јармиш, пишувајќи на социјалната мрежа „Икс“, рече дека затворски службеник рекол дека телото на Навални било однесено во Салехард, град во близина на затворскиот комплекс, од руски истражители кои водат истрага.

Сепак, вработен во единствената мртовечница на Салехард за западни медиуми изјавил дека телото на Навални се уште не е пристигнато.

– Имаме само една мртовечница во Салехард. Не сум примил никого, никакви тела, никакви документи – рече тој.

Прашан дали телото можеби пристигнало пред да започне неговата смена во 8 часот изутрината, службеникот одговорил: „Никој не ми предал ништо. Мислам дека ако ни беше доставено такво тело, веднаш ќе бев известен“.