Фото: Твитер/ОН

Обединети нации ја избраа Саудиска Арабија да претседава со Комисијата за статусот на жените. Единствениот кандидат, саудискиот амбасадор Абдулазиз Алвасил едногласно беше избран за претседател на Комисијата. Неговиот мандат ќе трае една година.

Организацијата за заштита на човековите права „Амнести интернешнал“ соопшти дека е шокирана од изборот.

– Ова е шок за нас, иако не е изненадување. Ријад троши многу пари на кампањата за да се претстави како модерна држава, но овие акции се без суштина. Во Саудиска Арабија постојано се кршат правата на жените. Земјите кои претседаваат со комисиите на ОН треба да бидат пример. Затоа сметаме дека ова претседателство е трагедија – истакна претставничката на АИ Швајцарија, Натали Венгер.

Саудиска Арабија е апсолутна монархија во која кралското семејство владее под ултраконзервативно толкување на исламот. Земјата во Извештајот за родова еднаквост на Светскиот економски форум за 2023 година беше рангирана на 132 место од 146 земји.