Новото ограничување на цената на руската нафта, што вчера го договорија членките на Европската унија, а денеска го потврдија членките на Г7 и Австралија, веднаш ќе го прекине главниот извор на приход на Путин, сметаат САД.
Американската министерка за финансии Џенет Јелен рече дека ограничувањето, кое вчера беше официјално одобрено од западните сојузници, дошло по месеци напорна работа.
Ограничувањето ги спречува земјите да плаќаат повеќе од 60 долари за барел за извоз на руска сурова нафта преку море. Тоа треба да стапи на сила на 5 декември или набргу по него.
– Земјите со низок и среден приход, кои беа во голема мера погодени од високите цени на енергијата и храната, особено ќе имаат корист од ова ограничување – рече Јелен.
Таа, исто така, додаде дека тоа дополнително ќе ги ограничи финансиите на рускиот претседател Владимир Путин и ќе ги ограничи приходите што тој ги користи за финансирање на неговата брутална инвазија, истовремено избегнувајќи глобално нарушување на снабдувањето што може да доведе до скок на цените на горивото ширум светот.
– Со оглед на тоа што руската економија веќе се намалува, ограничувањето на цената веднаш ќе го прекине најважниот извор на приход на Путин – рече Јелен.
Целта на ценовната граница, која е идеја на групата Г7, е да се намалат приходите на Русија од продажбата на нафта,
Варшава се спротивстави на предложената цена и размислуваше да ја задржи цената под нејзиното пазарно ниво. Во преговорите со ЕУ, Полска се залагаше цената да биде што е можно пониска со цел да се намали приходот на Русија и да се ограничи способноста на Москва да ја финансира војната во Украина.
Амбасадорот на Полска во ЕУ, Анджеј Садош, во петокот изјави дека земјата ја дала својата поддршка за договорот, кој вклучува механизам за задржување на ценовната граница најмалку пет отсто под нивото на пазарот. Американските власти рекоа дека станува збор за договор без преседан, што ја покажува решителноста на коалицијата да се спротивстави на руската војна.
Портпаролот на Чешка, која моментално претседава со Советот на ЕУ и ги надгледува преговорите во Унијата, по согласноста на Полска изјави дека неговата земја го почнала писмениот процес со кој сите 27 земји-членки официјално ќе го одобрат договорот.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека ограничувањето на цената значително ќе ги намали руските приходи.
– Тоа ќе ни помогне да ги стабилизираме цените на енергијата ширум светот, што ќе им користи на економиите во развој ширум светот“, напиша фон дер Лајен на Твитер, додавајќи дека ограничувањето ќе биде „прилагодливо со текот на времето – за да одговара на развојот на пазарот.
Ограничувањето ќе им овозможи на земјите надвор од ЕУ да продолжат да увезуваат руска нафта во странство, но ќе им забрани на превозниците и осигурителните компании да ракуваат со руската нафта ширум светот, освен ако не се продава по цена под ограничувањето.