Илустрација / Фото: Пекселс

САД испратиле муниција во Украина, што била складирана во Израел, објави „Њујорк тајмс“, додавајќи дека одлуката за тоа била донесена минатата година за време на администрацијата на центристичкиот израелски премиер Јаир Лапид.

Неименуван израелски официјален претставник потврди дека Лапид го одобрил трансферот на муниција, иако на САД не им треба таква официјална дозвола.

Израел ја осуди руската инвазија на Украина, но ја ограничи својата поддршка на испраќање хуманитарна помош и одбранбена опрема, отфрлајќи директна испорака на оружје.

Израелскиот функционер наведе дека не знае дали слични трансфери на американско оружје ќе бидат направени под актуелната администрација на конзервативниот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој ја презеде функцијата на 29 декември. За време на неговите претходни мандати, тој одржуваше блиски односи со рускиот претседател Владимир Путин.

Амбасадата на САД во Израел засега не објави коментар на текстот на „Њујорк тајмс“.