Фото: Пиксабеј

Украина и Русија денеска попладне во Истанбул ќе потпишат договор за извоз на жито, соопшти синоќа кабинетот на турскиот претседател. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, како и претставници на Украина и Русија, ќе учествуваат на церемонијата на потпишување, што ќе се одржи во палатата Долмабахче во Истанбул.

Договорот треба да овозможи извоз на украинско жито од складишта по блокадата на пристаништата на Црното Море и да го олесни извозот на руски жита и вештачки ѓубрива. Тоа би можело да ја ублажи глобалната криза во храна поради што се зголемија цените на житото и други житни култури.

Планот предвидува заедничка контрола на бродовите кога заминуваат и пристигнуваат во пристаништата на Црното Море и механизам што ќе ја гарантира безбедноста на рутите, соопштија турските власти. Во Истанбул ќе биде формиран координативен центар за извозот во кој ќе членуваат претставници од ОН, Турција, Русија и Украина.