Фото: Министерство за одбрана на Руската федерација

Руското Министерство за одбрана се огласи по повод експлозијата во полското село Пржеводов, при што загинаа две лица.

– Изјавите на полските медиуми и официјални лица за наводниот пад на руски ракети врз селото Пржеводов се намерна провокација насочена кон натамошна ескалација. Немаше напади врз цели во близина на украинско-полската државна граница со руско оружје. Урнатините што ги објавија полските медиуми од местото на настанот во Пржеводов нема никаква врска со руското оружје – се наведува во соопштението на руското Министерство за одбрана.

Официјална Варшава сѐ уште нема потврдено дека експлозијата е предизвикана од руски ракети, но полскиот премиер Матеуш Моравјецки итно го свика Комитетот на Министерскиот совет за прашања на националната безбедност и одбраната.

Портпаролот на полската Влада Пјотр Мулер не ја откри причината за свикувањето на итниот состанок.

– Ве молиме, не објавувајте непотврдени информации, за ова ќе разговараме по средбата – истакна Мулер.