Според неодамнешните податоци објавени од Европската опсерваторија за суша, 60 отсто од Европа и Обединетото Кралство во моментов се во опасност од суша. Наодите се засноваат на податоците од десетдневниот период кон крајот на јули, според кои 45 отсто од територијата на блокот се под услови за предупредување од суша.
Дополнително, 15 отсто биле во црвен аларм, што значи сериозен недостиг од вода. Агенцијата „Коперник“ за мониторинг на климата на ЕУ, исто така, во понеделникот (8 август) објави дека жешкиот бран во Европа продолжи со температури над 40 Целзиусови степени во Шпанија, Франција и Обединетото Кралство. Обединетото Кралство забележа национален дневен рекорд на максимална температура од 40,3 Целзиусови степени – земјата првпат забележала температура од над 40 Целзиусови степени. Периодот од мај до јули, исто така, беше најсушен досега во Шпанија, со резерви на вода на историски минимум од 40 проценти, според метеоролошката агенција на земјата.
Недостиг од вода
Холандската влада во средата официјално прогласи недостиг од вода.
Во петокот, француската премиерка Елизабет Борн објави невидени ограничувања на водата, забранувајќи им на луѓето да ги наводнуваат тревниците и да ги мијат автомобилите и спречувајќи ги земјоделците да ги наводнуваат земјоделските култури. Франција го забележа најсушниот јули во последните 60 години, со само 9,7 милиметри дожд.
Како резултат на тоа, повеќе од 100 француски општини немаат вода за пиење и се снабдуваат со камиони. Според прогнозата објавена пред две недели од Заедничкиот истражувачки центар на ЕУ, топлината и сушата може да доведат до пад од 8 до 9 отсто во производството на зрнеста пченка, сончоглед и соја во Европа. Речниот транспорт исто така е погоден, бидејќи нивото на водата продолжува да паѓа низ целиот блок.
Мерното место Кауб на реката Рајна, убедливо најважната водена транспортна маршрута во Европа, во неделата се спушти на 49 сантиметри, со што е непроодна за транспорт.
Шумски пожари
Условите за суша, исто така, доведоа до зголемување на шумските пожари, при што беа соборени повеќе рекорди, особено во Медитеранот, бидејќи само во јули се запали област повеќе од двојно поголема од Рим.
Информацискиот систем за шумски пожари на ЕУ (ЕФФИС) забележа вкупна изгорена површина од 587.868 хектари во Европската Унија на 30 јули од почетокот на годината, во споредба со просечните околу 158.000 хектари за референт ниот период 2006 – 2021 година. Н.М.