Фото: Твитер/ Министерство за надворешни работи на Русија

Рускиот претседател Владимир Путин за денеска свика итен состанок со одговорните претставници откако зголемувањето на референтната каматна стапка на 12 отсто не го спречи слабеењето на рубљата. Таа информација ја објави Фајненшал тајмс  повикувајќи се на два извора запознати со ситуацијата, а пренесе МИА.
На средбата рускиот претседател ќе ги разгледа предлозите на Министерството за финансии за зајакнување на девизната контрола, пренесува Комерсант.

Според извори на ФТ, руското Министерство за финансии предложило руските извозници да се обврзат да продадат до 80 отсто од нивната девизна заработка во рок од 90 дена од испораката. На компаниите што нема да ги почитуваат тие услови ќе им бидат одбиени државните субвенции, пишува британскиот весник. Предложена е и забрана за исплата на дивиденди и издавање заеми на лица лоцирани надвор од Русија, укинување на увозните субвенции и намалување на износот на девизи што извозниците можат да ги изнесат од Русија.