Рускиот претседател Владимир Путин не планира да присуствува на погребот на водачот на платениците на „Вагнер“, Евгениј Пригожин, кој загина при урнувањето на неговиот авион минатата недела, соопшти денеска Кремљ.
-Присуството на претседателот не е предвидено – изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков за новинарите на прашањето дали Путин ќе присуствува.
Песков рече дека Кремљ нема конкретни информации за погребот кој го организира семејството.
Инспекторите во неделата соопштија дека генетските тестови потврдиле дека Пригожин бил меѓу 10-те лица кои загинале во авионот.
Кремљ ја отфрли како „апсолутна лага“ сугестијата на некои западни политичари и коментатори дека Путин го наредил убиството на Пригожин од одмазда.