Песни што ме тераат да играм

Љупчо Давчев

Се возам во автомобилот, радиото вклученo и слушам музика. Некои шансони, од 1970-тите, и тамам помислив каде е Арсен, кога ете го неговиот глас: „Оно све што знаш о мени“, „Девојка из мога краја“, „Одлазак“, „Бит чеш увијек моја“, „Не дај се, Инес, „Модерато Кантабиле“, „Милена“. Стигнувам дома и прво што правам буричкам по колекцијата цедиња и го наоѓам Арсен Дедиќ со неговите најдобри песни. Првата што ја пуштам е „О, младости“ и одеднаш сѐ запира, отворен простор, небо низ кое летаат снежни суштества и јас во некое друго време. Доаѓа тоа чувство понекогаш и брзо си оди, но сега не ме напушта.

Ремек-делото „О, младости“ зборува за младоста помината за миг во однос на животот и како да ја пуштиш младоста да си оди. Во такви моменти бараш луѓе на кои им веруваш, кои ќе те просветлат, полни со мудрости и искуство, како постари браќа што може да те изведат на прав пат.

Е, таков е мојот поранешен колега Зоки Д., висок некои два метра, играше кошарка во КК Младост – втора лига, постар дваесетина години од мене, човек што видел и пробал многу, човек ѕвер. Ја знае онаа Југославија, секое селце, секое камче, се знаел лично со Душан Прелевиќ. Ми вели: „Ај дојди докај мене“. Стигнувам по два часа, а кај него син му и внуците. Седнуваме на една тркалезна маса. Ми вели: „Те удри, а? Така тоа доаѓа и си оди, само треба да се избориш. Го гледаш син ми. Е, откога почна да ме фаќа она што тебе те фаќа сега, јас гледав во него, не во огледало, не во фотографии, туку во него. Јас бев млад и среќен колку што беше тој. Јас стареев, но мојата душа беше млада колку неговата“. Какви зборови. Додека разговараме на телефон тече песната „О, младости“ по 20-ти пат веќе. Во еден момент Арсен пее: „Дај застани на момент и дај ми снага да се простам од неа (младоста)“. Додека тече овој стих го гледам Зоки, тој е стар волк, не можеш да го прочиташ тукутака, но во тие дваесетина секунди застанува, го спушта погледот, очите му се насолзени. Се гледаме и ми вели: „И мене може да ми се случи,. Овој стих ме врати на еден момент од младоста што ме скрши. Момент за кој не му зборувам никому. Кога бев студент работев преку лето во служба за изнајмување автомобили. Странците ќе земеа автомобил и ќе го оставеа во Љубљана, Загреб, Дубровник. Јас ќе одев да го вратам.

Еднаш требаше да одам во Лумбарда, Корчула. Стигнува таму, ама автомобилот расипан, требаше да останам неколку дена додека се поправи. Знам што мислиш, младост, жени, пиво, дека тоа е таа младост што треба да ме погоди. Но, не, мене ме погодија оние четири часа на мала карпеста плажа. Нема никој, попладне. Полека сонцето се успива, рибите скокаат од радост во морето, птиците весело пеат, летните бумбари пеат по боровите шуми и она огромно водено поле пред мене. Бранот удира во моите нозе, ми буди неверојатни чувства, се чувствувам како Малиот Принц, сам, сигурен, спокоен. Ако веќе се простувам од младоста, би сакал повторно да го имам тоа чувство, како добредојде на староста“.

Си одам дома, поослободен, помудар. Оттогаш го гледам син ми со други очи, тој ги чувствува моите погледи, се надевам дека еден ден ќе дојде до истите сознанија како мене. А Арсен, надвор од човековата димензија, и музика и текст и аранжман, најголемиот шансониер во поранешната татковина, еден од десетте најголеми на светско ниво. Такви луѓе како Арсен, како Зоки Д., како другар ми Тони Д. од Ќерамидница, такви му требаат на човештвото.