Фото: Принтскрин

Рускиот претседател Владимир Путин имаше ненадејна посета на Мариупол, што е негово прво патување на територија освоена од руските сили во текот на војната со Украина, пишува „Си-ен-ен“.

– Посетата претставуваше чин на пркос, откако до неа дојде неколку дена по издадениот налог за апсење на Путин од страна на Меѓународниот кривичен суд – наведува американската телевизиска мрежа.

Доаѓањето на Путин во Мариупол истовремено предизвика гнев во Украина, откако градот остана разурнат. Посетата се смета за особено провокативна за Украинците, бидејќи Мариупол претставуваше симбол на нивниот отпор, со што во градот се водеа дел од најжестоките битки од избивањето на војната.

Мариупол го привлече светското внимание за време на опсадата на челичарницата „Азовстал“ кога украинските борци со недели останаа заробени таму во текот на руската опсада, дури и по паѓањето на градот под руска контрола.

Путин пристигна во Мариупол со хеликоптер, а со автомобил беше во обиколка на градот, според видеоснимките објавени од руските власти. Тој е прикажан и како се среќава со видно изненадени жители. Рускиот претседател за време на посетата бил и во јахтинг-клуб и во зградата на тамошниот театар.

Кремљ инсистираше дека посетата е спонтана, при што не е точно познато кога дојде до неа, иако Путин завчера го посети Крим на одбележувањето на деветгодишнината од анексијата.

Мариупол е пристанишен град на Азовското Море, во регионот Донецк, и е под руска контрола од мај минатата година.  Многумина од 450-те илјади жители го напуштија градот по отпочнувањето на војната.