Фото: Игор Бансколиев

Сметам дека сите политички партии и сите политичари коишто декларативно се за членство во Европската Унија, сега треба да покажат дека се и реално со одлуки, со одлучност и со визија за членство во ЕУ. Одговорноста за тоа е на сите политички партии, не само декларативно, туку реално, истакна премиерот Димитар Ковачевски на денешниот настан посветен на хуманоста и солидарноста со настраданото население на Турција и Сирија.

Тој одговарајќи на новинарско прашање околу тоа како ќе се спроведат иставните измени, рече дека една од одлуките којашто треба да се донесе на патот кон ЕУ е и изгласување на уставни амандмани со цел остварување на обврските коишто произлегуваат од заклучоците коишто Собранието ги донесе со мнозинство гласови во текот на месец јули минатата година и коишто се дел од преговарачката рамка со 27 земји членки на ЕУ, исто како преговарачките рамки коишто ги имаат и други земји кои преговараат и имаат обврски кои треба да ги спроведат.

– Уставните измени според тоа не се ниту еден човек што треба да ги спроведе, не се ниту процес на една политичка партија, ниту процес на една Влада, туку тоа е процес пристапување кон ЕУ којшто е за целото општество заради остварување на повисок стандард, повисоки плати и да можат нашите граѓани да живеат на земја членка на ЕУ, ама тука, во нашата држава во Северна Македонија, а не да живеат во ЕУ во туѓина, во други држави кои што се членки на ЕУ – потенцираше премиерот.

Тој истакна дека уставните измени се пропишани со закон, и оти целата процедура е многу јасна транспарентна, која што се води од страна на Министерството за правда со експертска група која што ќе биде формирана, во која што ќе учествуаат сите експерти, а потоа истиот процес се спроведува во Собранието.

– Ние како држава покажавме дека сме фактор за стабилност на Балканот и најголемата потврда за тоа дојде на крајот на минатата недела кога во Скопје се одржа Советот за асоцијација и стабилизација со ЕУ каде што сите можевте и заедно со нашите граѓани да ги чуете јасните ставови на потпретседателот на ЕУ и на комесарот за проширување во коишто јасно кажаа дека преговарачката рамка за нас е многу јасна, која што е поддржана од сите 27 земји членки – рече Ковачевски.


Антикорупциска апсолутно ја има поддршката од Владата

Доколку за кој било случај на злоупотреба на функција постоеле докази или валидни аргументи дека треба да се процесуираат понатаму, тоа го прави Антикорупциската комисија или надлежните инситуции пред судските и обвинителските органи, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на прашање дали може да очекуваме конкретни мерки за злоупотреби.

Тој истакна дека Антикорупциска апсолутно ја има поддршката од Владата во спроведувањето на својата работа исто како што ја има и вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска.

-За сите случаи за кои имало одредени обвинувања, за некоја неусогласеност во однос на работењето сите биле без пречка процесирани од страна на Антикоурцписка, но и на институциите им е дадена можност да се произнесат за настанатите ситуации, додаде Ковачевски.