Фото: принтскрин

Телото на сопственикот на приватната армија „Вагнер“ Евгениј Пригожин е идентификувано меѓу загинатите во авионската несреќа во руската област Твер, јавуваат руските медиуми.

Истражниот комитет на Руската Федерација соопшти дека е утврден идентитетот на сите 10 лица кои загинаа во авионската несреќа на 23 август и дека нивниот идентитет одговара на списокот наведен во списокот на патници, пренесе „РИА Новости“.

Во рамките на истрагата за авионската несреќа во регионот Твер, беа завршени молекуларните генетски тестови. Врз основа на нивните резултати, утврден е идентитетот на сите десет загинати лица, и тие одговараат на наведениот список, се наведува во соопштението.

Авионот „Ембраер“ кој летал од Москва за Санкт Петербург се урна во средата вечерта во Тверската област, а на листата на патници се најде и лидерот на „Вагнер“ Евгениј Пригожин. Сите 10 луѓе во авионот загинаа.

Пригожин (62) го предводеше бунтот против руското воено раководство на 23 и 24 јуни, а веднаш по дознавањето за авионската несреќа, на Запад се појавија шпекулации за можните мотиви на рускиот лидер да го отстрани лидерот на најголемата платеничка формација во таа земја.

На ваквите обвинувања жестоко реагираше Кремљ, нарекувајќи ги западните верзии за смртта на основачот на „Вагнер“ апсолутни лаги, додека рускиот претседател Владимир Путин го опиша шефот на „Вагнер“ како талентирана личност која правела сериозни грешки во животот.

– Го познавав Пригожин долго време, од почетокот на деведесеттите. Тој беше човек со комплицирана судбина, а во текот на животот правеше сериозни грешки. Тој беше талентиран човек и бизнисмен – рекол Путин.