Фото: Принтскрин/Јутуб

Спикерот на Долниот дом на Канада, Ентони Рота, изјави дека поднесува оставка, помалку од една недела откако јавно пофали поранешен нацистички војник во парламентот, пренесуваат британските медиуми.

Рота им се извини на членовите на Парламентот затоа што минатата недела го пофалил 98-годишниот Украинец кој се борел во германска СС дивизија, доброволна воена единица создадена од нацистите во западна Украина во 1943 година и обвинет за воени злосторства за време на Втората светска војна.

-Оваа јавна пофалба предизвика болка кај поединци и заедници, вклучително и еврејската заедница во Канада и ширум светот. Ја прифаќам целосната одговорност за моите постапки, рече Рота, додавајќи дека неговата оставка ќе стапи на сила утре.

Минатиот петок Рота го покани поранешниот војник Јарослав Хунке (98) да присуствува на седницата во Претставничкиот дом во чест на претседателот Володимир Зеленски, а потоа јавно го нарече Хунке херој. Подоцна се дозна дека Хунке служел во СС дивизијата „Галиција“.