Фокусот на претстојното обраќање на Трамп ќе биде значително променет од првичната замисла - Фото: ЕПА

Трамп усвои нова стратегија по преживеаниот атентат

Трамп повика на единство во објава на својата онлајн платформа, т.н. Мрежа за вистината, истиот ден кога беше ранет на предизборен митинг. Тој нагласи и дека со нетрпение очекува да се обрати пред нацијата неделава во Милвоки, каде што веќе пристигна

Говорот на Доналд Трамп на претстојната републиканска национална конвенција во Милвоки, неделава, ќе биде искористен „за обединување на државата“, како што најави и самиот претседателски кандидат на Републиканската партија, напоменувајќи дека фокусот на неговото обраќање ќе биде значително променет во однос на првичната замисла, откако тој преживеа обид за атентат во Пенсилванија, изминатиот викенд. Поранешниот претседател ја истакна неговата намера во интервју за „Вашингтон егзаминер“, велејќи и дека првичниот говор требало да биде фокусиран на политиките на неговиот противкандидат и актуелен претседател на САД, Џо Бајден“.

Атентатот ја менува природата на изборите

Во интервјуто за „Вашингтон егзаминер“, Трамп истакна и оти верува дека обидот за атентат целосно ја променил природата на изборите и тврди дека добил повици од луѓе од целиот политички спектар во САД. Се проценува и дека обидот за атентат ги зголемува изгледите на Трамп да се врати во Белата куќа, на што сметаат и голем број инвеститори, очекувајќи зајакнување на тргувањето на берзите идната недела, како што пренесе „Ал џезира“.
– Рејтингот на републиканскиот претседател Роналд Реган порасна за 22 процентни поени во анкетите по обидот за атентат во 1981 година. Изборите ќе бидат премногу битни, а тоа веројатно ја намалува неизвесноста – вели Ник Ферес, главен инвестициски директор во „Вентиџ поинт асет менаџмент“.

Во контекст на Трамп, кој речиси секојдневно се претставува како борец против различни деструктивни и моќни сили во општеството, преживувањето на атентатот речиси сигурно ќе му помогне на изборите. А помага и тоа што неговиот противкандидат Џо Бајден се соочува со повици за повлекување од кампањата. Глетките од Трамп со крвава глава како гордо ја крева тупаницата сигурно ќе влијаат врз американските гласачи при нивниот избор.

Трамп верува дека имал среќа што се свртел во вистински миг

Трамп повика на единство во објава на својата онлајн платформа, т.н. Мрежа за вистината, истиот ден кога беше ранет на предизборен митинг. Тој нагласи и дека со нетрпение очекува да се обрати пред нацијата неделава во Милвоки, Висконсин, каде што веќе пристигна.
– Нема да се плашиме, туку наместо тоа, да останеме издржливи во нашата вера и пркосни пред лицето на злобата. Во овој момент, поважно е од кога било да застанеме обединети и да го покажеме нашиот вистински карактер како Американци, да останеме силни и решителни и да не дозволиме злото да победи – напиша Трамп на онлајн платформата.

Советниците на Трамп, пак, набргу по атентатот, испратија и меморандум до персоналот вклучен во неговата кампања, дека настапот на конвенцијата ќе продолжи според планираното, со исклучок на новите безбедносни мерки, пренесе „Политико“.

Трамп смета и дека имал среќа што го преживеал атентатот, во кој 20-годишен вооружен напаѓач отвори оган врз него од полуавтоматска пушка „АР-15“, при што го рани во десното уво. Поранешниот претседател објаснува дека се свртел во вистински момент за да погледне во екранот на кој биле прикажувани податоци што ги користел во својот говор, што веројатно му го спасило животот.
– Ретко гледам подалеку од толпата. Да не го сторев тоа во тој момент, па, веројатно немаше да разговараме денес, нели – напомена Трамп, додавајќи дека ја кренал тупаницата во воздух додека Тајната служба го евакуирала од бината по пукањето, бидејќи сакал да покаже дека е добро, како и дека „Америка продолжува напред“.
Се очекува Трамп формално да ја прифати републиканската претседателска номинација в четврток, а неговата кампања објави и голем број други говорници што треба да се обратат на националната конвенција во Милвоки.


Атентатот се случи во време на процес на сѐ подлабока поларизација на САД

Нападот врз Доналд Трамп доаѓа во време кога САД се веќе поларизирани по должината на идеолошки и културолошки линии, како и поделени, навидум, во две реалности, пишува „Њујорк тајмс“.
– Кога претседателот Роналд Реган беше застрелан во 1981 година, државата се обедини зад ранетиот лидер. Но обидот за атентат врз поранешниот претседател Доналд Трамп, веројатно дополнително ќе ја подели Америка, наместо да ја зближи. По само неколку минути од атентатот, атмосферата веќе беше исполнета со гнев, огорченост, сомнеж… Беа вперувани прсти, произлегоа теории на заговор, а земјата, веќе обземена од анимозитет, дополнително е разединета – наведува американскиот весник, анализирајќи ги ефектите од атентатот врз Трамп.