Експертите повикуваат на внимателност

Дезинформациите за војната во Украина, пандемијата и другите актуелни настани претставуваат закана пред сè за постарите корисници на Вотсап, Фејсбук и другите социјални мрежи, тврди политиколог специјализиран за ширење лажни информации.
– Генерацијата што не се спои со дигиталната ера е најранлива на влијанието на лажните вести – вели Јозеф Холнбургер, директор на германскиот непрофитен центар за мониторинг, анализа и стратегија, кој се занимава со теории на заговор и екстремистичка содржина.
– Постарите луѓе, кои подоцна во својот живот стапиле во контакт со платформите за пораки како Вотсап, се соочуваат со емотивно наполнета содржина за време на руската инвазија на Украина, која може да ја земаат здраво за готово. Мислам дека затоа многу образовни кампањи треба да бидат насочени кон возрасната група над 50 години – рече Холнбургер.
Тој смета дека официјалните лица што сакаат да се вклучат во онлајн кампањи за дезинформација и теории на заговор треба да се фокусираат на постарите интернет-корисници. Таканаречените „дигитални староседелци“, односно оние што пораснале со посилни медиумски вештини, можат да разговараат со постарите членови на семејството за можните ризици од користењето интернет.
Проблемот со недостиг од медиумски компетенции не е толку изразен кај училишните деца – смета Холнбургер.
Повеќе од 60 експерти што учествуваа во истражувањето на фондацијата „Водафон“ во летото 2021 година ја потврдија оваа оцена. Тие рекоа дека постарите луѓе се речиси двојно поранливи на кампањи за дезинформации отколку адолесцентите и помладите возрасни (74 проценти наспроти 40 проценти).