Поранешниот пакистански премиер Имран Кан е застрелан во стапалото денеска на политички митинг, но тој е во стабилна состојба, изјави негов советник.
-Тој е во стабилна состојба – изјави Рауф Хасан, советник на Кан.
Тој додаде: „Ова беше обид да го убијат, да извршат атентат врз него“.
Најмалку еден маж е убиен, а осуммина се повредени во вооружениот напад врз протестниот марш, соопштија службите за спасување.
Како што пренесува ДПА, најмалку два куршуми го погодиле Кан во ногата.
– Нашите спасувачи однесоа најмалку едно мртво тело и осуммина повредени во болница – соопшти Фарук Ахмад, портпарол на одделот за спасување.
Кан, кој го предводеше протестот со барање за предвремени избори е во стабилна здравствена состојба, соопшти негов советник, оценувајќи дека нападот бил обид за атентат на поранешниот премиер.
Според пакистанската телевизија Гео, во врска со нападот приведено е едно лице, кое засега не е именувано.
Актуелниот премиер Шехбаз Шариф го осуди нападот и нареди итна истрага, пренесува Би-би-си.
Пакистан има долга историја на смртоносно политичко насилство.
Во најпознатиот случај, поранешната премиерка Беназир Буто беше убиена на јавен митинг во 2007 година.