Поранешниот фудбалер на сплитски Хајдук Марио Мештровиќ бил застрелан во четвртокот вечерта во Винковци со неколку истрели во ногата, јавуваат хрватските медиуми.
Нападот се случил кога тој ја напуштал салата околу 22:00 часот, при што бил застрелан од непознат напаѓач со фантомка, кој неколку пати го погодил Мештровиќ во ногата.
– Едно лице е повредено од огнено оружје. Тоа е пренесено во болница за укажување лекарска помош – соопштија од полицијата и додадоа дека интензивно трагаат по сторителот.
Мештровиќ е актуелен шеф за спорт во Вуковарско-сремската жупанија, а полицијата наведува дека е свесен за целиот настан и дека на полицијата и го опишал напаѓачот и деталите од нападот.
Како фудбалер, покрај за Хајдук, играше и за Цибалија, Риека, Алавес, Хапоел Тел Авив, Хапоел Кфар Саба и Хапоел Ерусалим.
Играше во средниот ред, а кариерата ја заврши во 2003 година.