Фото: Фејсбук

За човек што не верува во ништо, нема јасна идеологија или систем на вредности, освен сопствената важност, што е опседнат со теории на заговор и што опстујува на гнев, на Доналд Трамп му беше потребно долго време во потполност да го прифати „КуАнон“, пишува за „Атлантик“, Џулиет Кaјем, поранешна помошник-секретарка за државна безбедност во администрацијата на американскиот претседател Барак Обама.

„КуАнон“ претставува теорија на заговор според која припадниците на т.н. „длабока држава“ работат против Доналд Трамп и се одржуваше во „мрачните“ предели на Интернет. Следбениците на „КуАнон“ функционираат како виртуелен култ, главно верувајќи во дезинформациите спинувани од страна на заедницата што ги шири теориите на заговор. Нејзините главни уверувања тврдат дека десетици политичари и славни личности соработуваат со владите низ светот во заговор за сексуално злоставување на деца. „КуАнон“ се најде во фокусот на американската јавност и за време на немирите во Конгресот од јануари 2021 година, кога Џејкоб Ентони Ченсли кој се нарекува шаманот на „КуАнон“, привлече големо внимание со необичниот изглед. Тој имаше бојадисано лице, а носеше крзнена капа и рогови, како и копје при упадот во Конгресот. Ченсли потоа беше приведен и осуден на три и пол години затвор поради учеството во немирите.

– Поранешниот претседател одредено време флертуваше со култот што верува, меѓу другите бесмислени нешта, дека демократите се дел од глобален синџир за секс-трговија со деца, што Трамп најпосле ќе го победи. Но, во последно време, тоа додворување се претвори во брак, како што Трамп ги искористи тврдењата на „КуАнон“ на митинг во Охајо и почна да ги шири на неговата „социјална мрежа за вистина“ – пишува Кајем.

Ваквата ситуација вознемири бројни демократи и поранешни републиканци кои со право се плашат дека Трамп ќе ги поттикне поддржувачите на „КуАнон“ на насилство. Но, негодувањето од почитуваните кругови е помалку важно за поранешниот претседател, отколку неговите политичките маки.

Минатата недела, на неговата социјална мрежа, Трамп објави фотографија на која носи беџ од „КуАнон“ со слоганот „Бурата доаѓа“, што го опишува уништувањето на неговите непријатели, како што тврди Кајем, додавајќи дека изминатиот викенд на митинг во Охајо, Трамп пуштил музика налик на химната на „КуАнон“.

Том Николс од „Атлантик“, пак, смета дека Трамп наоѓа нов извор на регрути преку „КуАнон“.

– Трамп е на, или близу дното. Неговото прифаќање на „КуАнон“ покажува оти има малку алтернативни политички стратегии кои би можел да ги употреби. Се фаќа за сламки, без да ја зацрвсти неговата политичка база – истакнува Кајем.

Се мисли дека Трамп, всушност, не верува во голема мера во „КуАнон“.

– Трамп не го измисли „КуАнон“ и тој не го контролира. Тие дигитални војници не се под негова команда – вели Џоан Донован, истражителката на дигитални дезинформации.

Но, Кајем наведува оти „КуАнон“ му е потребен на поранешниот претседател.

– Не знам како завршува пропаѓањето на нашата демократија. И не сакам да ја минимизирам опасноста од прифаќањето на „КуАнон“ од страна на Трамп. Но, неговата одлука е охрабрувачка барем на еден начин. Преку поврзувањето со бизарен култ, тој ги покажува ограничувањата на неговата привлечност – заклучува Кајем.