Белгиски полицаец синоќа им подлегна на повредите по напад со нож во близина на железничката станица во Брисел, а инцидентот го истражува Федералното обвинителство задолжено за случаите на тероризам, јави „Скај њуз“.
Белгиското федерално обвинителство соопшти дека двајца полицајци биле цел на инцидент во близина на северната станица во Брисел. Претставник на судот изјави дека постои „сомнение за терористички напад“.
– Го презедовме случајот бидејќи постои сомневање за терористички мотив за нападот, што ќе биде утврдено во истрагата – изјави за француските медиуми Ерик Ван Дујсе, портпарол на белгиското Федерално обвинителство.
Според белгиските медиуми, полицаецот бил прободен со нож во вратот, а мотивот за нападот се уште не е утврден. Цел на нападот биле двајца полицајци. Едниот им подлегнал на повредите, а другиот е ранет. Напаѓачот е убиен, јавија локалните медиуми, според непотврдени информации. Тој наводно бил застрелан во нозете и стомакот.
Според информациите на различни медиуми, мажот извикал „Алаху Акбар“, но оваа информација се уште не е официјално потврдена од обвинителството.
Нападот се случи синоќа околу 19.15 часот во бриселската општина Шаербек, во областа Гаре ду Норд.
Локалните медиуми јавуваат дека напаѓачот претходно вчера бил приведен во полициската станица во Евере каде се заканил дека ќе ги убие полицајците. Потоа бил сослушан и ослободен.
Во рамките на истрагата беа затворени неколку улици, а градоначалникот на Брисел Филип Клоус го коментираше нападот: „Ужасна драма вечерва во Брисел. Се солидаризираме со полицијата. Полицијата не штити, но и таа мора да биде заштитена. Моите мисли се со семејствата и нивните колеги“.