Фото: принтскрин

Платформата „Икс“ (Твитер) ќе ги отстрани насловите од новинарските написи, бидејќи нејзиниот сопственик Илон Маск сака да ги мотивира новинарите да објавуваат статии директно на оваа социјална мрежа.

Според деловниот портал „Фортун“ (Fortune), написите за вести во иднина ќе се појавуваат на временските линии на корисниците на платформата „Икс“ само со насловна фотографија и веб-адреса (URL).

Корисниците ќе треба сами да додадат опис над објавата на статијата.

Оваа промена беше поттикната од самиот Маск, кој верува дека оваа промена „значително ќе го подобри изгледот“ на платформата „Икс“.

Истовремено, Маск апелираше до новинарите кои сакаат поголема слобода во пишувањето и повеќе приходи да ги објавуваат своите текстови директно на социјалната мрежа „Икс“.

Тој смета дека написите заземаат премногу простор на временската линија на корисникот „Икс“ и оваа промена ќе овозможи повеќе објави да се вклопат во истиот простор, заклучува „Фортун“.