Фото: Кремљ

Кремљ не е подготвен да верува во гаранциите на САД за олеснување на рускиот извоз на земјоделски производи и минерални ѓубрива, доколку Русија се врати на договорот за жито, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Како што пренесуваат странските агенции, Песков изјавил дека Русија не верува во тие американски гаранции.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во четвртокот ја критикуваше Русија поради повлекувањето од договорот за извоз на жито преку украинските пристаништа на Црното Море.

Блинкен уште еднаш повтори дека американските санкции, наводно, не се однесуваат на извозот на руска храна и ѓубрива.

-За време на спроведувањето на договорот, САД работеа на решавање на прашањата за испорака и осигурување, вклучително и пишување до банките за да се обезбедат трансакциите – рече Блинкен.

Блинкен рече дека САД ќе продолжат да прават сè што е потребно за да се осигураат дека Русија може слободно да извезува храна доколку има заживување на договорот за безбеден извоз на украинско жито преку пристаништата на Црното Море.

Песков истакна дека е можно враќање на договорот за жито, но под услов да се исполнат сите обврски кон Русија.

Минатиот месец Русија се откажа од договорот од јули 2022 година, постигнат со посредство на Обединетите нации и Турција, со кој се дозволува извоз на украинско жито и други земјоделски производи преку пристаништата на Црното Море. Договорот предвидуваше и извоз на руски земјоделски производи и минерални ѓубрива, а Русија тврди дека овој дел од договорот не бил испочитуван, поради што, како што соопшти, се повлече од него.