Објавен Индексот за пасоши за 2022 година

Луксембург го задржа првото место на листата од 199 држави во „Индексот за пасоши на ’Номад‘ 2022“, објавен од консултантската компанија за даноци и имиграција „Номад капиталист“. Оваа листа не се фокусира исклучиво на патување без визи како другите рангирања, туку овој индекс во своето бодување ги додава оданочувањето, глобалната перцепција, можноста за добивање двојно државјанство и личната слобода. Веднаш зад Луксембург се најде Шведска, а во првите 10 следуваат: Ирска, Белгија, Швајцарија, Финска, Португалија, Чешка, Холандија и Сингапур.

На оваа листа, Македонија е на 82-то место, кое го дели со Црна Гора. Македонија има вкупно 78,50 поени, а нашиот пасош ни овозможува да патуваме во 125 земји. Кога станува збор за глобалната перцепција за нашата земја и за слободата на медиумите, освоивме 20, односно 30 поени.

На списокот пред нас се земји од регионот, како Хрватска, Бугарија, Словенија. Единствено Црна Гора и Албанија имаат полош ранг од нас.
– Не мислам дека безвизното патување е сè што е важно. На пример, американските и канадските пасоши се слични во однос на силата на патувањето. Меѓутоа, ако сте Американец, подлежите на даноци… без разлика каде живеете, па затоа тие два пасоша не треба да се рангираат еден до друг – вели извршниот директор на „Номад“, Ендрју Хендерсон.

При составувањето на индексот, авторите најголема тежина дале на можноста за безвизно патување, која носи 50 проценти од бодовите, 20 проценти се за оданочувањето, а по 10 проценти носат глобалната перцепција, можноста за поседување двојно државјанство и личната слобода.
Топ 10 рангирањето остана непроменето од минатата година, со половина поен разлика помеѓу бр. 1, Луксембург, и бр. 2, Шведска, што се сведе на „една виза за дополнителна земја“, рече Хендерсон.

– Даноците се високи во двете земји, но ако сакате да заминете, тоа е релативно флексибилно. Двете земји се перципирани добро на глобално ниво и се рангирани високо за личната слобода – рече Хендерсон, истакнувајќи дека Шведска го демонстрирала второспомнатото со својот пристап кон пандемијата.
Целосната листа може да се погледне на веб-страницата на „Номад капиталист“.
Во однос на минатата година, авторите забележуваат дека речиси 85 проценти од местата на топ 30 листата се во Европа.

– Она што е забележливо, рече Хендерсон, е дека земјите како Малта, Исланд и Словачка – места за кои луѓето „не зборуваат често “ во однос на силата на пасошот – се држат против моќниците како Италија и Германија. Тие исто така имаат резултат над земји како што се Обединетото Кралство, Австралија и Соединетите Американски Држави – додава Хендерсон.