Фото: Принтскрин

Кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека трите земји ја игнорирале загриженоста на меѓународната заедница. Портпаролот Ванг Венбин изјави дека Кина и САД ја одржуваат потребната комуникација.

– Ние веруваме дека вредноста и значењето на комуникацијата е да се подобри разбирањето и да се управуваат разликите – истакна Ванг Венбин.

Велика Британија, САД и Австралија инсистираат на тоа дека пактот не го зголемува ризикот од ширење на нуклеарното оружје. Бродовите ќе носат конвенционално оружје, а нуклеарните реактори ќе бидат запечатени.

Инаку, овие три земји ги открија деталите од планот за обезбедување на Австралија со подморници на нуклеарен погон на почетокот на следната деценија со цел да се спротивстават на амбициите на Кина во индо-пацифичкиот регион, пишува „Скај њуз“.

Говорејќи на церемонијата во американската поморска база во Сан Диего, придружуван од австралискиот премиер Ентони Албанес и британскиот премиер Риши Сунак, американскиот претседател Џо Бајден го нарече договорот во рамките на партнерството „АУКУС 2021“, како дел од заедничката заложба за слободен и отворен Индо-Пацифик со двата „најцврсти и најспособни сојузници“ на Америка.

Сунак истакна дека станува збор за „моќно партнерство“.

– Ова значи дека за првпат три подморнички флоти ќе работат заедно преку Атлантикот и Тихиот Океан, одржувајќи ги нашите океани слободни во следните децении – додаде тој.

Според договорот, САД ќе ѝ продаваат на Австралија три американски подморници од класата Вирџинија на нуклеарен погон на почетокот на 2030-тите, со опција Австралија да купи уште две доколку е потребно, се вели во заедничката изјава.

Се вели дека проектот ќе кулминира со британско и австралиско производство на нова класа подморници, „трилатерално развиен“ брод заснован на британски дизајн од следната генерација што ќе биде изграден во Британија и Австралија заедно со најнапредните американски технологии.

Велика Британија ќе ја добие својата прва подморница кон крајот на 2030-тите, а Австралија ќе ја добие подморницата на почетокот на 2040-тите.