Канада ќе воведе одмазднички царини за увозни производи од САД во вредност од 29,8 милијарди канадски долари (20 милијарди американски долари), почнувајќи од утре, како одговор на царините на американскиот претседател Доналд Трамп за челикот и алуминиумот – изјави канадскиот министер за финансии Доминик Леблан.
Зголемените американски царини за увоз на челик и алуминиум стапија во сила денеска, откако истекоа роковите за претходните изземања, квоти без царина и исклучоци за одредени производи. Ова е дел од пошироката стратегија на Трамп за реструктуирање на глобалните трговски правила во корист на САД.
Канада е најголемиот странски снабдувач на челик и алуминиум за американскиот пазар.
– Нема да стоиме со скрстени раце додека нашите стратешки индустрии за челик и алуминиум се неправедно таргетирани – изјави Леблан, додавајќи дека Канада ќе примени принцип на реципрочни контрамерки „долар за долар“.
Контра-мерките на Отава опфаќаат царини од 12,6 милијарди канадски долари за челик, 3 милијарди канадски долари за алуминиум и дополнителни 14,2 милијарди канадски долари за други увозни американски производи, вклучително и компјутери, спортска опрема и производи од леано железо.
Ова е втората рунда царини кои Канада ги воведува како одговор на американските трговски мерки, откако во март воведе тарифи за американски стоки во вредност од 30 милијарди канадски долари.
Министерката за надворешни работи на Канада, Мелани Жоли, ги нарече овие тарифи „неоправдани“ и најави координација со европските сојузници за зголемување на притисокот врз Вашингтон.
Истовремено, новоизбраниот премиер Марк Карни, кој наскоро ќе ја преземе функцијата од Џастин Трудо, најави дека ќе бара нова основа за трговски односи со Вашингтон.