Европската Унија се соочува со „огромен ризик“ од терористички напади за време на Божиќ, предупреди во вторникот шефот за внатрешни работи на ЕУ, предупредувајќи дека со војната меѓу Израел и Хамас и поларизацијата што ја предизвикува во целокупното општество, со претстојната празнична сезона, постои огромен ризик од терористички напади…

Еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон пред состанокот на министрите за внатрешни работи на ЕУ во Брисел ја предупредува јавноста:

– Со војната меѓу Израел и Хамас и поларизацијата што ја предизвикува во нашето општество, со претстојната празнична сезона, постои огромен ризик од терористички напади во Европската Унија – рече еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон пред состанокот на министрите за внатрешни работи на ЕУ во Брисел.

Оцената на Јохансон се заснова на наглото зголемување на екстремистичката пропаганда што кружи на интернет, како и на зголеменото ниво на закана во земјите членки поради неодамнешните напади во Белгија и во Франција.
Јохансон вети дека ќе стави на располагање дополнителни 30 милиони евра за поддршка на земјите членки на ЕУ за заштита на местата за богослужба и другите јавни простори како дел од таканаречениот Фонд за внатрешна безбедност. Таа исто така ги повика сите земји да спроведат мерки за сузбивање на говорот на омраза на интернет и за задушување на финансиските ресурси што ги користат екстремистичките групи.

Шпанскиот министер за внатрешни работи Фернандо Гранде Марласка, чија влада претседава со Советот на ЕУ, рече дека „во особено деликатен меѓународен контекст, ситуацијата на Блискиот Исток може да ги изостри тензиите, да ја зголеми поларизацијата и да го поттикне тероризмот“.
– Јасно е дека не можеме ниту треба да го дозволиме тоа – објасни тој, додавајќи дека соработката меѓу земјите членки на ЕУ е клучна за справување со заканата.
Предупредувањето дојде неколку дена откако радикален исламист познат на властите смртно избоде германско-филипински турист и повреди уште две лица со чекан во близината на Ајфеловата кула во Париз, што ги зголеми будноста на ЕУ и загриженоста за претстојните напади. Осомничениот, идентификуван како Арманд Раџабпур-Мијандоаб, се заколнал на верност на таканаречената Исламска држава во видео на социјалните мрежи.
Во 2016 и 2018 година, божиќните базари во Берлин и во Стразбур станаа сцени на смртоносни терористички напади.
Германските власти минатиот четврток уапсија 15-годишно момче и негов наводен соучесник под сомнение дека планирале напад на божиќен базар во стил на милитантна исламистичка држава. Полициските сили во неколку земји на ЕУ ја зголемуваат безбедноста околу таквите базари годинава.
Долготрајниот конфликт на Блискиот Исток ги продлабочува и стравувањата дека насилството може да навлезе во Европа.

Местата за богослужба, вклучувајќи ги и синагогите и џамиите, исто така се во состојба на зголемена готовност откако избувна војната меѓу Израел и Хамас на почетокот на октомври, поради стравувањата од репресалии меѓу еврејската и муслиманската заедница. Земјите од ЕУ, вклучувајќи ја и Франција, го засилија полициското присуство околу таквите локации.
Наставник по француски беше избоден до смрт во североисточниот град Арас од поранешен ученик со досие за исламска радикализација на 13 октомври, само шест дена по избувнувањето на конфликтот меѓу Израел и Хамас на 7 октомври, кога милитантите на Хамас започнаа смртоносно дивеење во јужен Израел, при што загинаа околу 1.200 цивили.
Исламистичкиот тероризам останува најголемата терористичка закана во Западна Европа и „се очекува осамените актери да продолжат да ги извршуваат повеќето терористички напади во ЕУ“, изјави за медиумите во септември портпаролот на Европол, Јан Оп Ген Орт.

Подготвил: Митко Јовановски