Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави денеска дека одлуките на Меѓународниот кривичен суд немаат влијание врз Русија и дека секој нивни налог за апсење е ништовен.
– Одлуките на Меѓународниот кривичен суд немаат никакви последици за нашата земја, ниту од правен аспект – објави Захарова на Телеграм.
Таа додаде дека Русија не е членка на Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд и нема никаква обврска кон тој суд.
– Русија не соработува со таа организација и сите потенцијални барања за апсење од страна на меѓународниот суд се ништовни – нагласи Захарова.
Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на рускиот претседател Путин, обвинувајќи го дека е одговорен за воени злосторства извршени во Украина.