Фото: Принт-скрин

Руските сили истрелаа проектили врз неколку градови во Украина денеска и распоредија сили на нејзините јужни брегови, објавија украинските власти, откако претседателот Владимир Путин одобри, како што рече, специјална воена операција на истокот.

Набргу откако Путин зборуваше на руската државна телевизија, можеа да се слушнат експлозии во главниот град на Украина, Киев.

Престрелката избувна во близина на главниот аеродром во главниот град, јави новинската агенција Интерфакс, а сирените се огласија над градот.

– Путин штотуку започна целосна инвазија на Украина. Мирните украински градови се нападнати. Ова е агресивна војна. Украина ќе се брани и ќе победи. Светот може и мора да го запре Путин. Време е да се дејствува – објави украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба на Твитер.

Реагирајќи на инвазијата што САД ја очекуваат со недели, американскиот претседател Џо Бајден рече дека неговите молитви се со народот на Украина „додека претрпе неиспровоциран и неоправдан напад од руските воени сили“.

Русија повика на прекин на проширувањето на НАТО на исток, а Путин го повтори својот став дека членството на Украина во Атлантската алијанса предводена од САД е неприфатливо.

Тој рече дека ја одобрил воената акција откако Русија немала друг избор освен да се брани од, како што рече, заканите кои доаѓаат од модерна Украина, демократска држава со 44 милиони жители.

– Русија не може да се чувствува безбедна, да се развива и да постои со постојана закана што произлегува од територијата на модерна Украина. Целата одговорност за крвопролевањето ќе биде на совеста на владејачкиот режим во Украина – рече Путин.

Целосниот обем на руската воена операција не беше веднаш јасен, но Путин рече: „Нашите планови не вклучуваат окупација на украински територии. Ние нема да наметнеме ништо со сила“.

Говорејќи додека Советот за безбедност на ОН одржуваше итен состанок во Њујорк, Путин рече дека им наредил на руските сили да го заштитат народот и ја повика украинската војска да го остави оружјето.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија извршила ракетни напади врз украинската инфраструктура и граничните сили и дека експлозии се слушнале во многу градови. Тој рече дека е прогласена вонредна состојба и дека телефонски разговарал со американскиот претседател Џо Бајден. Вчера беа мобилизирани резервисти.

Медиумите објавија дека воените командни центри во Киев и североисточниот град Харков биле погодени со проектили додека руските трупи навлегле во јужните пристанишни градови Одеса и Мариупол.

Подоцна се слушнаа три силни експлозии во Мариупол.

Сепаратистите поддржани од Русија соопштија дека започнале офанзива врз градот Счастија, што е под контрола на Украина на исток, а експлозии го потресоа отцепениот град Доњецк во источна Украина.

Неколку часа претходно, сепаратистите побараа помош од Москва за запирање на наводната украинска агресија – тврдењата што САД ги отфрлија како руска пропаганда.