Фото: Нагорно Карабах/ЕПА

Претседателот на самопрогласената република Нагорно Карабах, Самвел Шараманијан, потпиша указ за распуштање на сите институции од 1 јануари, а самопрогласената република ќе престане да постои.

Ерменскиот премиер Никол Пашинјан изјави дека во наредните денови нема да има Ерменци во Нагорно Карабах. Неговата влада претходно вети дека ќе обезбеди засолниште за сите белци.

Повеќе од 65.000 Ерменци веќе го напуштија Нагорно Карабах. До акцијата на азербејџанската војска, во таа самопрогласена република живееле 120.000 етнички Ерменци.

Вашингтон бара Баку да одржи прекин на огнот и да ги заштити правата на цивилите, додека Германија го повикува Азербејџан да им дозволи на меѓународните набљудувачи да влезат во Нагорно Карабах.

Етничките Ерменци го напуштаат Нагорно Карабах од минатата недела, кога започна воената операција на Азербејџан во регионот.

Министерството за одбрана на Азербејџан објави дека армијата на земјата започнала „антитерористички активности“ за да го врати уставниот поредок во регионот Нагорно-Карабах и да ги протера „ерменските воени формации“ од таму.

Еден ден откако азербејџанската армија ги започна воените операции во регионот Нагорно-Карабах, на 20 септември беше постигнат договор за прекин на огнот со ерменската страна, со посредство на руските мировници.

Инаку, Нагорно Карабах, кој е меѓународно признат како дел од Азербејџан, има претежно ерменско население и не е под контрола на Баку од 1990-тите, по војната меѓу Ерменија и Азербејџан.

Делови од територијата на Нагорно-Карабах и околу неа беа преземени од Азербејџан во војната во 2020 година, која заврши со прекин на огнот надгледуван од руските мировници.