Обвинителите во случајот на американскиот гардист Џек Тешеира, кој објави доверливи документи на Пентагон, веруваат дека тој има пристап до уште повеќе доверливи документи кои би можеле да предизвикаат „голема штета“ на САД.
Тешеира беше обвинет на почетокот на овој месец за кршење на Законот за шпионажа за незаконско копирање и пренесување чувствителен материјал, како и за незаконско отстранување материјал од неовластена локација.
Обвинителството бара продолжување на притворот за Тешеира, бидејќи сметаат дека постои „сериозна опасност од негово бегство, додавајќи дека „осомничениот е способен да нанесе уште поголема штета – пренесе „Мирор“.
Обвинителите додадоа дека тој е итна закана за националната безбедност и општеството на САД.
– Нема гаранција дека осомничениот нема да објави дополнителни информации што ги поседува – додаваат обвинителите.
Обвинителите тврдат дека 21-годишниот ги открил доверливите документи, вклучително и некои поврзани со движењето на војниците во конфликтот меѓу Русија и Украина, на група гејмери на апликацијата за пораки „Дискорд“ (Discord).
Американските федерални обвинители претходно соопштија дека Тешеира упатувал насилни закани, го користел својот службен компјутер за да ги испита масовните престрелки и се обидел да ги уништи доказите за неговите злосторства.
Доколку биде прогласен за виновен, му се заканува затворска казна до 25 години.