Фото: Твитер/Северен тек 2

Американските разузнавачи сметаат дека проукраински групи стојат зад минатогодишните напади на гасоводите Северен тек, но нема докази за вмешаност на украинската Влада, објави весникот „Њујорк тајмс“. Советникот на Володимир Зеленски, Михајло Подољак, кажа дека Украина нема никаква врска со овој напад, додека портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, ги опиша американските наводи како координирани напори за пренасочување на вниманието.

Американските власти велат дека немаат докази дека украинскиот претседател Володимир Зеленски или други претставници на украинската влада биле вмешани во бомбардирањето на гасоводот.

Експлозии на гасоводот Северен Тек што ги поврзуваат Русија и Германија се случија на 26 септември во економските зони на Шведска и Данска. Двете земји заклучија дека експлозиите биле намерни, но не прецизираа кој би можел да биде одговорен за нив.

САД и НАТО ги окарактеризираа нападите на гасоводот како „чин на саботажа“, додека Москва го обвини Западот. Ниту една страна не ги поддржа своите тврдења со докази.

Новите разузнавачки информации анализирани од американски официјални лица сугерираат дека зад нападот стојат „противниците на рускиот претседател Владимир Путин“, пишува медиумот, без да прецизира кој е групата или кој го нарачал или платил нападот.

Американските власти веруваат дека најверојатно се вмешани украински или руски државјани.

Данска, Германија и Шведска, кои го истражуваат нападот, минатиот месец рекоа дека нивната истрага сè уште не е завршена.

Германија во вторникот соопшти дека го разгледала извештајот на „Тајмс“, но дека резултатите од нејзината истрага сè уште не се познати. Во меѓувреме, високиот соработник на Зеленски, Михајло Подољак, рече дека Киев „дефинитивно не бил вклучен“ во експлозиите и дека нема информации за тоа што се случило.

Извештајот на „Њујорк Тајмс“ доаѓа откако германските АРД и Зеит објавија, без да наведат извори, дека германските власти успеале да го идентификуваат бродот користен во саботажа. Германските медиуми објавија дека група од пет мажи и една жена, користејќи фалсификувани пасоши, изнајмиле јахта од полска компанија во сопственост на украински државјани. Тие наведуваат и дека не е позната националноста на сторителите.