Украинските сили се обидуваат да направат пробив кон стратешки важниот Херсон, првиот град што падна под руска контрола од почетокот на војната во февруари, при што таму е и главната линија на фронтот, пишува „Гардијан“.
Новоназначениот командант на руските сили во Украина, Сергеј Суровикин, пак, призна дека треба да се направат тешки одлуки во регионот на Херсон, а набргу потоа проруските власти наредија евакуација на цивилното население од деловите на Херсон северно од реката Дњепар.
Украинските војници со кои разговараше британскиот весник веруваат дека „имаат прозорец“ за напредување.
Извесен 53-годишник кој се претставил како Макс, командува со единица од 30 украински војници кои пилотираат со разузнавачките и воените дронови што ја снабдуваат украинската артилерија со податоци за непријателот.
– Можете да не нарекувате легендарниот баталјон 248. Ние секогаш ја погодуваме целта – вели Макс.
Неговата единица е позната и како Карлсонови, според истоимениот шведски книжевен лик што може да лета со пропелер.
„Карлсонови“ се меѓу водечите цели за Русите поради нивната улога на бојното поле. Се смета дека единицата има голема стратешка и симболична важност за Украина.
Еден член летоска загинал од граната, а двајца биле хоспитализирани пред две недели откако нивното возило поминало преку нагазна мина. Во единицата има и странски војници меѓу кои се и двајца Американци.
– Сега имаме можност да ја заземеме десната страна од брегот на Дњепар, но борбите се тешки – признава Макс.
Тој додава дека Русите имаат „многу добра екипа“.
– На некои места се подготвени да се предадат, но не и тука, каде што се подготвени да се борат до крај – посочува Украинецот.
Макс нагласува дека се соочуваат и со недостиг на дронови откако Русите им собориле или онеспособиле 20-летала со нивната сајбер-технологија.
Но Карлсонови не се откажуваат, исто како и Русите на спротивната страна.