Фото: Принтскрин / Илустрација

Најмалку 14 лица загинаа, а околу 200 се повредени откако тајфунот „Јаги“ ја погоди копнената територија на северен Виетнам, соопштија денеска локалните власти, кои продолжуваат со напорите за обновување и помош на погодените, јави ДПА.

Меѓу жртвите се и четворица членови на едно семејство, кои загинале рано утрово кога нивната куќа се урнала, стои во соопштението на секторот за спасување и пребарување на виетнамското Министерство за национална одбрана.

Виетнамскиот премиер, Фам Мин Чин, одржа видеоконференциска средба со претставници на 26 провинции и градови, кои се погодени од тајфунот „Јаги“, за да се разгледаат последиците од оваа природна катастрофа.

Според виетнамските власти, повеќе од 3.000 куќи се оштетени, 120.000 хектари оризови полиња се поплавени, а над 1.000 рибници се уништени и однесени со бурниот ветер и вода.

И покрај тоа што „Јаги“ ослабе во тропска бура, во делови од земјата сѐ уште има масовни прекини во снабдувањето со електрична енергија. Екипите за итна интервенција работат на отстранување на стотици урнати електрични столбови и десетици оштетени трафостаници.

Тајфунот „Јаги“ го погоди Виетнам вчера, пред рано утринава да ослаби, но властите предупредија на можни поплави и свлечишта во планинските области, бидејќи почвата е преоптоварена со вода.

Претходно, „Јаги“ ги опустоши Филипините, каде загинаа најмалку 16 лица, а во Кина одзеде најмалку четири животи.