Игор Жовква (десно) и украинскиот претседател Владимир Зеленски/Фото: Фејсбук - Игор Жовква

Советникот на украинскиот претседател, Игор Жовква, изрази разочарување од Алијансата

Украинските власти чувствуваат огорченост во однос на НАТО додека воената алијанса се собира на самитот во Мадрид, пишува „Блумберг“.

– На Украина ѝ е кажано, вие не сте членка бидејќи не ве сакаме. НАТО ни кажува, не ви даваме ништо – изјави советникот на украинскиот претседател Владимир Зеленски, Игор Жовква, кој е одговорен за надворешната политика.

Членките на Алијансата ѝ испратија на Украина големи пратки на оружје за да и помогнат во војната со Русија. Снабдувањето постепено ги вклучува и офанзивните оружја, со што САД ветија испраќање и на модерен ракетен систем земја-воздух. Германскиот секретар Олаф Шолц денеска порача дека НАТО ќе испраќа оружје во Украина сè додека тоа е потребно, односно сè додека Украина треба да се брани. Но алијансата во целина потфрлила, според Жовква, при што очекувањата на Украина од самитот во Мадрид се ниски.

– Очигледно е дека сакаме да постигнеме едногласна звучна поддршка за Украина – истакна Жовква, кој ќе учествува на самитот на НАТО, каде што преку видеоповик ќе се обрати и украинскиот претседател Владимир Зеленски.

Жовква нагласува и дека владата во Киев побарала оружје од НАТО и пред војната, воведување на зона на забранети летови по почетокот на оружените судири, како и перспектива за членство, но не добила никаков одговор. „Блумберг“ посочува оти повеќе членки на НАТО, вкучувајќи ги и САД, стравуваат дека воведувањето на зона на забранети летови над Украина би можело да предизвика директен судир помеѓу нуклеарните сили, а понудата за членство во НАТО исто така би можела да доведе до ескалација на војната.

– Новиот предлог за безбедносниот концепт на Алијансата треба да прифати јасно оти Русија е примарната закана и дека најдобрата одбрана против таа закана е Украина – порача Жовква.