Средбата меѓу Путин и Виткоф во Санкт Петерсбург

„Мислам дека можеби сме на работ на нешто што би било многу, многу важно за светот како целина“, даде загадочна, но интересна изјава за јавноста претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф, во врска со разговорите со рускиот претседател, во интервју за Фокс њуз, осврнувајќи се на неговата петчасовна средба со Путин во Санкт Петербург (токму пред една седмица)

Одгласи во јавноста за петчасовниот разговор на специјалниот пратеник на претседателот Трамп, Стив Виткоф, со рускиот претседател Владимир Путин

Претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф, изјави во јавноста дека „се појавил договор – по пет часа разговори“ со рускиот претседател Владимир Путин. Ваквата негова констатација ја објавија повеќе американски медиуми деновиве, не криејќи ја воодушевеноста на Виткоф дека напорните разговори дале значаен исчекор кон прекин на огнот и воспоставување стабилен мир.

Петчасовните разговори отворија можност за
преобликување на односите меѓу Русија и САД

Специјалниот пратеник на претседателот Трамп, Стив Виткоф, рече дека неговите разговори со Путин биле „убедливи“ и дека рускиот лидер е отворен за договор за „траен мир“со Украина.
Виткоф рече дека по петчасовните разговори видел дека „се појавува договор“.
– Овој мировен договор се однесува на овие таканаречени пет територии, но има многу повеќе – рече тој.
Тој додаде дека гледа „можност за преобликување на односите меѓу Русија и САД преку некои многу привлечни трговски можности, кои мисли дека даваат вистинска стабилност и на регионот“.
Во меѓувреме, Кремљ исто така ги опиша разговорите како „корисни и ефективни“. Но официјален Кремљ исто така додаде дека двајцата во суштина не разговарале попрецизно за фиксирање можна средба меѓу Путин и Трамп.
Во тој контекст, на прашањето дали е неизбежен самит меѓу двете суперсили (Трамп и Путин), портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави за руската државна телевизија дека двете сили „одат по овој пат заедно многу трпеливо“, но дека обидот за обновување на односите ќе бара сериозна и макотрпна работа. Тој посочи дека за таква средба „е потребно повеќе работа и бара повеќе време“.

Виткоф ги прими барањата на Путин за „траен мир“

На оваа тема вчера пишуваше и американскиот весник „Хил“. Тој дава повеќе детали од самото интервју на Стив Виткоф за Фокс њуз.
„Тоа беше убедлив состанок“, изјави специјалниот пратеник на претседателот Трамп, Стив Виткоф.
– И кон крајот, ние всушност сфативме – ќе кажам „конечно“, но не мислам на начинот на кој чекавме, мислам на начинот на кој ни требаше време да стигнеме до ова место – што е барањето на Путин да го добиеме, а тоа е да имаме траен мир овде. Значи, по прекинот на огнот. Ние го имаме одговорот на тоа – заклучи на оваа тема специјалниот пратеник на претседателот Трамп, Стив Виткоф.
Виткоф не даде детали за барањата на Путин за траен прекин на огнот, туку рече дека мировниот договор првично се однесува „за овие таканаречени пет територии“, но сепак додавајќи дека „има многу повеќе од тоа“.
– Постојат безбедносни протоколи. Нема НАТО, НАТО, член 5. Мислам, има само многу детали вклучени. Тоа е комплицирана ситуација, знаете – вкоренета во некои реални проблематични работи што се случуваат меѓу двете земји. И мислам дека би можеле да бидеме на работ на нешто што би било многу, многу важно за светот како целина – рече специјалниот пратеник на претседателот Трамп.
Тој исто така истакна дека мисли дека може да дојде до понатамошни значајни трговски партнерства со Русија и САД.
– Згора на тоа, верувам дека постои можност за преобликување на односите меѓу Русија и Соединетите Американски Држави преку некои многу привлечни комерцијални можности, кои мислам дека му даваат вистинска стабилност и на регионот – изјави оптимистички Виткоф. Р.С.