Фото: Зеленски /инстаграм

Заменик претседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев денеска изјави дека американскиот претседател Џозеф Бајден добил безбедносни гаранции пред денешната ненајавена посета на Киев, но не прецизираше кој од руска страна ги дал тие гаранции.

За време на неговата посета на Киев, Бајден разговараше со неговиот украински колега, Володимир Зеленски.

– Бајден, откако доби безбедносни гаранции, конечно пристигна во Киев. Тој вети многу оружје и вети верност на неонацистичкиот режим до гроб. Се разбира, имаше многу навестувања за победа на нивна страна, која наводно ќе дојде со ново оружје и храбри луѓе – напиша Медведев на својот канал на Телеграм.

Тој оцени дека западните земји „сосема верно“ го снабдуваат Киев со оружје и пари.

– Тие ги снабдуваат во огромни количини, му овозможуваат на воено-индустрискиот комплекс на земјите на НАТО да заработува пари и да краде оружје за да им го продаде на терористите ширум светот – рече тој.

Белата куќа денеска соопшти дека било стапено во контакт со Русија пред посетата на американскиот претседател Џо Бајден на Киев со цел да се избегнат какви било погрешни пресметки кои би можеле да доведат до директен конфликт меѓу двете нуклеарни сили.

Без да навлегува во детали, Белата куќа само наведе дека непосредно пред пристигнувањето на Бајден во Киев имало „основна комуникација со Русите“ за да се осигура дека нема да има конфликт, пренесуваат американските медиуми