Шарл Мишел/Фото: Фејсбук

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел денеска најави дека лидерите на ЕУ во следните неколку дена ќе разговараат за апликацијата на Украина за членство во ЕУ.

– Во наредните денови ќе разговараме за апликацијата на Украина за членство во ЕУ – напиша Мишел на Твитер.

Следна можност да се разговара за ова прашање е неформалниот самит што ќе се одржи во четврток и петок во Версај.

Француското претседателство со Советот на ЕУ го планираше состанокот првенствено да разговара за европскиот модел на раст и инвестиции до 2030 година, но воениот конфликт меѓу Русија и Украина, кандидатурата за членство на Украина и безбедносната ситуација во Европа најверојатно ќе ја засенат првично планираната тема.

Францускиот претседател Емануел Макрон неодамна најави дека сака самит на кој ќе се разговара за промени во европската одбранбена политика и европска стратегија за енергетска независност.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела во драматични околности потпиша апликација за членство во ЕУ, а наскоро такви барања упатија и Грузија и Молдавија. Сите три земји учествуваат во Источното партнерство, во кое ЕУ работи на зближување и соработка со своите источни соседи, но не им ја нуди перспективата за членство ветена на Западен Балкан.

Во посебен твит, Мишел напиша дека денеска телефонски разговарал со рускиот претседател Владимир Путин, од кого побарал „да ги прекине непријателствата и да отвори хуманитарни коридори во Украина“.