Европската Унија порано или подоцна ќе мора да се откаже од рускиот гас и нафта за да изврши дополнителен притисок врз Русија да ја запре агресијата врз Украина, изјави денеска претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
– Ги заоструваме нашите санкции за да го задржиме максималниот притисок врз Кремљ. Мислам дека порано или подоцна ќе бидат потребни мерки за нафтата, па дури и за гасот – рече Мишел во дебатата на пленарната седница на Европскиот парламент во Стразбур.
Европската Унија ќе воведе дополнителни санкции кон Русија, покрај последниот пакет мерки објавен вчера, а кои најверојатно ќе вклучуваат мерки против увозот на руска нафта, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен.
– Овие санкции нема да ни бидат последни – изјави Фон дер Лајен пред Европскиот парламент за време на претставувањето на последниот пакет санкции, кој вклучува забрана за купување руски јаглен.
Таа додаде дека сега останува да се „види нафтата и приходите што Русија ги добива од фосилните горива“.
Европската комисија вчера предложи петти пакет санкции против Русија, кој вклучува забрана за увоз на јаглен, забрана за сите трансакции за четири клучни руски банки, забрана за вкотвување на руски бродови во европските пристаништа и најави работа на дополнителни санкции, вклучувајќи забрана за увоз на нафта.