Лилјакот Џонатан Ливингстон (1)

248

За збирките раскази „Речно улиште“ (1981 г.) и „Ѓон“ (1990 г.) на Драги Михајловски

„Поради некоја стара клетва, непокор, завет или желание во ноќта спроти Дуовден, јас и Захарија се престоривме бели лилјаци. И фрлени низ бунар, како задушнина, паѓавме главечки до Долна земја. Без крик. Без поплака. Тука почна и така почна нашата долга агонија меѓу слепите долни летачи. Нашата предолга борба со мракот…“ – ваквиот почеток на првиот расказ „Лилјак“ во првата книга на Драги Михајловски, „Речно улиште“, ја навестува авторовата склоност кон чудесното, изникнато од фолклорот, што, низ истакнување на контрастите (горе-долу, светло-темно) и на преобразбите, го активира неговото богатство. Но во исто време Михајловски поседува и една незлобна, но постојано присутна ирониска деструкција кон „наивноста“ на традиционалната раскажувачка постапка. Забелешката на рецензентот Анте Поповски во предговорот кон книгата дека „тоа е проза што ги надминува установените, конвенционални, познати проседеа кај нас“ е сосема точна кога станува збор за т.н. „стварносна“ проза, која во македонската литература доминираше во 1970-тите години. Вдлабочувајќи се во менливиот свет на своите јунаци, Михајловски личи на претходникот Солев, инсистирајќи на пародискиот аспект на јунакот и на стварноста, често и автоирониски, со поигрување со жанровските конвенции на „вистинскиот“ реалистичен расказ. Наспроти авторите кај кои веристичкиот израз се вклопува во прикажувањето на човековата судбина во контекстот на родното место и дијалект, кај Михајловски станува збор за своевидна мимикрија, игра, кајоовски речено „задоволството да се правиш друг или да се претставуваш за некој друг“. Читателот, како и писателот, е свесен дека сликата на стварноста е преправена, откачена. Во приказните на Михајловски понекогаш може да се насети бајковидна, понекогаш карневалска инспирација, но тие секогаш се извлечени од секојдневието, од кое се пародираат или се жонглираат постојните ситуации.

За разлика од другите генерациски „соучесници“ во пробивот на новата поетика и практика во македонскиот расказ, кај Михајловски не се воочливи експериментирањето, надминувањето или негирањето на жанровските меѓи, што е честа постапка во прозата на другите автори со сродна субверзивна стратегија во однос на „стварносниот“ раскажувачки модел. Што не значи дека тој не дејствува герилски во постојниот утврден модел на расказот. Како што оценува Данило Коцевски: „Во најдобрите кратки прозни остварувања, како што се ‘Лилјак’ и ‘Родителски’, наполно се уриваат некои класични раскажувачки конвенции, не постојат демаркациски линии меѓу фантастичното и стварното. Сѐ е еден незапирлив рек на имагинарното, не постои класична експлозија и крај, а и таму каде што постои, има повеќе од една изместена функција“. Мешањето на раскажувачките планови, често поставени дихотомиски, овозможува раскажувачкиот простор на Михајловски да добие растегливост, сценичност, податливост, односно, како и во народните волшебни приказни, отпорот на средината лесно се совладува. Оттаму двосмисленоста со која се прифаќаат неговите раскази: од една страна, со „приватизирање“ на говорот на ликовите преку дијалектизми, преку вербални карикирања, се сугерира вкусот на баналното препознатливо секојдневие, од друга, со флексибилното третирање на просторот, приказната се преведува во некои поневидливи и понепредвидливи сфери на егзистенцијата. Притоа не се губи нишката на кажувањето, убедливоста на фикционалниот свет ја поткрепува убедливоста на дејството во расказот, па ако раскажувачката самосвест на Михајловски убедливо и креативно се воочува во промените на раскажувачките планови, тогаш високиот степен на неговото „реалистичко“ прозно мајсторство доаѓа до израз во успешноста во доловувањето на индивидуалниот легитимитет на неговите „јунаци“. А тие, во расказите на Михајловски, се најчесто избрани меѓу маргиналците, меѓу оние што се отфрлени според општите утврдени норми за успех во приватниот, во професионалниот и во социјалниот живот. Но за разлика од „луѓето од дното“, толку препознатливи, проколнати и чести антихерои на „стварносната“ литература, ликовите на Михајловски, и покрај нивното пластично обликување, и покрај настојчивото доловување на нивниот говор, остануваат во власта на раскажувачот.

За разлика од т.н. „стварносна“ проза, кога авторот е сведок или приредувач на непосредното искуство (со намера, често проблематична, преку репродукција на „живиот“ јазичен идиом да се допре до сушноста на животот), Михајловски, иако особено грижлив за лексичката индивидуализација на ликовите, тоа го прави на начин близок на ироничен режисер што ужива во изместената двојна игра со значењата. Во „Една анализа“, огледот чиј предмет на толкување е расказот „Родителски“, Данило Коцевски ја координира раскажувачката постапка на Михајловски блиску до онаа на фантастичниот булгаковски хумор, наведувајќи со право дека „токму во тој спој на гротескното, ироничното и натприродното, Драги Михајловски најмногу го остварува својот творечки профил“. Во неговите раскази каде што привидно се уважува нарацијата во раскажувачката техника, дејствува изменетото чувство за книжевен облик, изразено преку авторовата самосвест во функционирањето на светот на фикцијата.

(продолжува)