Овој четврток, во 20 часот, оркестарот на Филхармонијата ќе го изведе концертот насловен „Омаж за Саша Николовски-Ѓумар“, посветен на големиот македонски диригент. Пред концертот, во фоајето на Филхармонијата ќе биде отворена и изложба на дела од Саша Николовски-Ѓумар, кој, освен диригирањето, кое му беше професија, имаше пасија и кон сликањето и пишувањето. На програмата на овој концерт се две дела од рускиот композитор Сергеј Рахманинов – Концерт за пијано и оркестар број 3 и „Симфониски танци“. Како солист на пијано ќе настапи македонскиот пијанист Дино Имери, а диригент е Вања Ѓумар Николовски.
Дино Имери (1990) е еден од најреномираните македонски пијанисти. Со огромен успех настапува на престижните сцени низ светот како гостин на врвни оркестри, како рецитален уметник и како камерен музичар. Настапувал со Стразбуршкиот филхармониски оркестар, Софиската филхармонија, Македонската филхармонија, Симфонискиот и Камениот оркестар на ФМУ-Скопје, Оркестарот на Националната опера и балет. Соработувал со еминентни уметници, меѓу кои диригентите: Јосеп Висент, Најден Тодоров, Емил Табаков, Саша Николовски-Ѓумар, Дијана Имери Илкоска, Борјан Цанев, Сашо Татарчевски, Кире Костов, Ле Фи Фи, Бисера Чадловска, потоа пејачи и инструменталисти како Игор и Ана Дурловски, Благој Нацоски, Либуше Санторисова, Алексеј Шаповалов, Луиџи Скифано, Бојан Илкоски, Влатко Стефановски, Ади Имери, Стојан и Нинослав Димови. Своето образование го стекнува во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ (класа на проф. Људмила Романова), дипломира со високи почести на ФМУ-Скопје (класа на проф. Борис Романов), а магистрира на ФМУ-Скопје (класа на проф. Симон Трпчески).

Вања Ѓумар Николовски се школува во Скопје, каде што на Факултетот за музичка уметност во 1992 година дипломира на Одделот за диригирање (класа на проф. Фимчо Муратовски), а во 1993 година на Одделот за композиција (класа на проф. Властимир Николовски). Во 1995 и 1996 година специјализира диригирање во Санкт Петербург на конзерваториумот „Николај Римски Корсаков“, во класите на Илија Мусин и на Михаил Кукушкин. Во овој период активно соработува со Јури Темирканов и Валери Гергиев. Мастер-студиите по композиција ги продолжува во 1999 година во Скопје, во класата на проф. Гоце Коларовски. Во деведесеттите години развива богата диригентска дејност, настапувајќи со повеќе хорски и инструментални ансамбли во Македонија. Остварува и голем број настапи во странство: Санкт Петербург (Русија), Белград (Србија), Виена (Австрија), Порто (Португалија), а подоцна и низа настапи во САД (Феникс, Сан Диего, Вашингтон, Лос Анџелес). Во почетокот на 2000-тите се преселува во САД, каде што ја продолжува својата диригентска, педагошка и композиторска дејност.