Заменик – претседателот на Советот за безбедност на Руската Федерација, Дмитриј Медведев по експлозијата на мостот на Крим истакна дека светското и руското искуство покажува дека „невозможно е да се бориме против терористите со санкции, заплашувања или отстапки“.
„Тие го разбираат само јазикот на силата. Само лични и целосно нехумани методи“, напиша Медведев на Телеграм.
Тој вели дека е неопходно да се разнесат куќите на терористите и нивните роднини.
„Да се трага и да се елиминираат нивните соучесници, напуштајќи ја бесмислената идеја за судење против нив. Но, главната работа е да се уништат терористичките водачи, без оглед во кои пукнатини се кријат овие инсекти. Тоа е тешко, но можно“, рече заменик-претседател на Советот за безбедност на Руската Федерација.
Рускиот национален антитерористички комитет денеска соопшти дека Киев извршил напад на мостот на Крим со два брода без екипаж. Мостот бил оштетен, две лица загинале, а едно девојче е повредено.
Киев не ги коментираше наводите на Русија, освен изјавата на Наталија Хуменјук, портпаролка на јужната оперативна команда на украинската армија.
Таа посочи дека експлозиите на мостот може да бидат планирана провокација од страна на Русија за да се откаже од примената на Црноморските договори за извоз на украинско жито. Подоцна во текот на денот, портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков изјави дека овие договори престануваат да важат додека не се исполнат условите поставени од Русија.