Европската комесарка за проширување, Марта Кос, денешниот ден го оцени како „Супер вторник“ за процесот на проширување на Европската Унија, бидејќи за првпат по повеќе од две децении во ист ден се одржуваат пристапни конференции со четири земји-кандидатки.
Во објава на платформата „Икс“, Кос истакна дека Украина, Молдавија, Албанија и Црна Гора бележат значителен напредок на својот европски пат.
– Нашите предводнички Украина, Молдавија, Албанија и Црна Гора прават големи чекори напред – напиша Кос, нагласувајќи дека Црна Гора останува најнапредната земја во пристапните преговори со Европската Унија.
Таа посочи дека Украина и Молдавија го отвораат Кластерот 6, кој ги опфаќа областите од надворешната политика, безбедноста и одбраната, оценувајќи дека токму во овие сфери аргументите за нивното членство се особено силни.
Според Кос, Албанија ќе ги затвори своите први три преговарачки поглавја, додека Црна Гора ќе достигне вкупно 18 затворени поглавја од 33, што ја приближува кон завршната фаза на преговорите.
Европската комесарка нагласи дека актуелниот моментум треба да се претвори во конкретни резултати преку продолжување на реформите.
– Денеска е ден и за славење и за поглед кон иднината. Ја имаме поддршката од земјите членки, но само доколку земјите кандидати ги исполнат условите – порача Кос.































