Се повеќе земји го прифаќаат слоганот „Купувајте домашни производи“

Дали би било подобро ако една држава едноставно сама произведува сè што ѝ е потребно во рамките на нејзините граници наместо да увезува однадвор? Дали тоа би придонело за нејзиниот (одржлив) развој, стабилност, сигурност за граѓаните, подобра економска предвидливост, помала загрозеност од надворешни фактори?

Зошто државите се фокусираат на домашното производство

Звучи доста далечно, но некои од најмоќните политички лидери во светот во последните години изнесуваат аргументи дека нивните земји треба да се стремат сè сами да произведуваат. Самоодржливоста е тесно поврзана и со циркуларната економија. Имено, таа треба да биде „круг, но во потесни, национални рамки“! Понатаму, економијата да биде планска, колку што може повеќе (за инпутите и аутпутите да бидат поврзани и надоврзани во стопанската верига), а ресурсите да бидат ефективно искористувани, за трошоците (остатокот, отпадот) да се намалат на минимум. Но она што треба да е јасно истакнато, велат економските аналитичари, е дека „планската економија во себе содржи низа елементи на економска антиципација за движењата на економијата за некој иден период“, а содржи и темелни елементи на договор (договорна економија), и тоа сериозен договор со низа чинители во стопанството, а и политиката.

Светските лидери се за поголема самостојност на своите држави

Американскиот претседател Џо Бајден претходно годинава порача дека „американската производствена и економска иднина и решенијата за климатската криза ќе бидат направени во Америка“. Слично на тоа, кинескиот претседател Си Џинпинг се залага за „самодоверба на државата“. Индискиот премиер Нарендра Моди, исто така, го усвои слоганот „Индија самостојна“. Ова меѓу другото се вели во анализата на „Би-би-си“.
Во Европа исто така почнаа да се слушаат слични апели, кои го фаворизираат „националното производство пред увозот“! Некои од земјите на Европската Унија (ЕУ), на пример, инсистираат да го прекинат своето потпирање на рускиот гас по избувнувањето на конфликтот во Украина, што доведе до драстично зголемување на цените на енергентите во Европа и до закани за прекин на снабдувањето со струја оваа зима.
И двете главни политички партии во Велика Британија се согласни во барањата за државата да постигне „енергетска независност“. Конфликтот во Украина, која е главен глобален снабдувач со пченица и други житни култури, исто така доведе до скокови во меѓународните цени на храната, што ги отвори прашањата во многу земји за веродостојноста на нивниот увоз на храна. Дури и поранешните цврсти идеолошки поборници за слободна трговија, како британскиот конзервативен пратеник Џон Редвуд, сега ја повикуваат Британија „да се сврти кон домашното производство“. Некои тврдат дека сето ова претставува „значајно оддалечување од гледиштето во изминатите 40 години дека глобалната трговија е добра за просперитетот на државата“, а сега се создава нова цел за „поголема национална економска самодоверба“.

Кризата повторно го извади на површина античкиот концепт за самоодржливост наречен автаркија

Во антиката, за овој вид самодоверба и самоодржливост на државите, мислителите го користеа терминот автаркија. Некои дури го опишуваат она што се случува во светската политика и економија во последните години и месеци како „автаркичен пресврт“. Но дали овие потези кон самодоверба ќе го испорачаат она што нивните поборници го ветуваат во однос на одржливоста и просперитетот на државата?
Кога станува збор за енергијата, повеќето експерти мислат дека всушност постои силна причина зошто земјите треба да се свртат повеќе кон домашното производство. И тоа од повеќе причини: затоа што извори на енергија што се генерираат дома се предвидливи, плански подобни, поевтини и овозможуваат висока конкурентност. Тоа се однесува и на фосилните горива, како гасот, нафтата и јагленот, а се однесува и на обновливите извори, како што се ветерната и сончевата, кои имаат ниски емисии на јаглерод. Со други зборови, овој автаркичен пресврт може да им помогне првенствено на државата и граѓаните каде што би се практикувал овој „автаркичен концепт“. Без сомнение, со таков плански концепт може и државите, а и пошироко, со надминување на глобалната енергетска криза, постепено да ги намалуваат и фосилните енергенти, а планетата да ги сведе на минимум јаглеродните емисии и да го спречи деструктивното глобално затоплување во овој век.

Локалната храна е со најголема бенефиција за граѓаните

Што се однесува до храната, експертите како Тим Ланг од универзитетот „Сити“ долго време тврдат дека би било подобро за човековото здравје и животната средина ако сите консумираат храна што не се произведува во далечни земји. Друг аргумент за поголема самодоверба во производството на храна е тоа што ја прави земјата помалку ранлива ако меѓународните синџири на снабдување се прекинат поради временски услови, несреќи или конфликт. Експертите велат дека би требало и помалку да се консумира месо, бидејќи пасиштата за животните ќе мора да се пренаменат за одгледување земјоделски култури.
Џејла Пазарбашиоглу, директорка за стратегија во Меѓународниот монетарен фонд, се согласува дека земјите треба да се фокусираат на издржливоста на своите синџири за снабдување со енергија и храна. Но таа предупредува дека носењето на ваквите одлуки може штетно да се прелее преку границите и да влијае врз помалку развиените држави.

Автаркија во технологијата

Но што е со автаркијата надвор од храната и енергијата? Силициумските микрочипови се користат практично во сите форми на модерната технологија, од паметни телефони, компјутери, медицински уреди, автомобили, авиони, системи за оружје. Поголемиот дел најнапредни чипови во светот се произведуваат во Тајван, кој Кина го смета за дел од својата територија, но чија независност САД ефективно ја штитат. САД и Кина, плашејќи се дека снабдувањето со овие клучни компоненти ќе биде отсечено од нивните економии во потенцијален конфликт, неодамна започнаа големи напори за производство на повеќе од овие чипови во нивните сопствени граници. Сепак, процесот на производство на чипови е толку сложен и софистициран и се потпира на синџирите на снабдување со суровини и експертиза што се протегаат низ целиот свет, така што повеќето експерти мислат дека дури и толку богата земја како САД ќе се бори да го постигне сето тоа дома.
Дали ова значи дека светот влегува во нова „ера на автаркија“ или политичките лидери ќе сфатат дека глобалната економија е едноставно премногу интегрирана, премногу меѓусебно поврзана, за да биде поделена на национални блокови без да им нанесува неподнослива болка на сите? Тоа би можело да зависи, прво, од тоа каде ќе ги туркаат своите поголеми напори за економска самодоверба и, второ, колку далеку ќе се залагаат.