Пекинг – Кинескиот парламент го поддржа новиот закон за безбедност на Хонгконг, со кој поткопувањето на авторитетот на Пекинг на територијата ќе стане кривично дело. Предлог-законот, кој сега поминува во рацете на високото раководство на Кина, предизвика длабока загриженост кај оние што велат дека ова може да му стави крај на уникатниот статус на Хонгконг. Исто така, Кина првпат ќе може да инсталира свои безбедносни агенции во регионот. Овој потег веќе предизвика нов бран протести против континенталниот дел.

Ванкувер – Канадски суд одобри натамошна постапка по барање на САД за екстрадиција на Менг Ванжу, финансиска директорка на кинеската компанија „Хуавеи“, а оваа одлука веројатно уште повеќе ќе ги влоши односите меѓу Кина и Канада. По барање од САД, Менг, ќерката на основачот на „Хуавеи“, беше уапсена на аеродром во Ванкувер во 2018 година за наводно кривично дело измама. Вашингтон го обвини „Хуавеи“ дека продава опрема во Иран преку фиктивна компанија со седиште во Хонгконг, со што ги прекршува американските санкции против таа земја.

Сантијаго – Чилеанка на возраст од 111 години е излекувана од ковид-19. Лекарите што ја лекувале изјавиле дека таа имала благи симптоми. Според нив, таа имала висока температура само еднаш или двапати, не кашлала, но имала одредени проблеми со дишењето. Првиот случај на ковид-19 во Чиле е регистриран на 3 март, а оттогаш се заболени речиси 78.000 лица, а починати се над 800 лица.

Рим – Планот за економска обнова на ЕУ по пандемијата, која по многу оцени е преседан за иднината на блокот, ги подели нејзините членки во однос на солидарноста и економските и политичките начела на ЕУ, односно за тоа дали „штедливите“ богати членки треба да го финансираат закрепнувањето на т.н. „трошачи“. Сериозен судир за суштината на планот изби помеѓу Италија, како земја особено погодена со пандемијата, и Холандија, како претставничка на „штедливата“ струја. Мнозинството Италијанци (58 отсто) сметаат оти треба да се бојкотираат производите и услугите од „себичните Холанѓани“, според едно истражување на јавното мислење во Италија.