Брисел – Можното нерамномерно закрепнување на економијата од корона-кризата претставува егзистенцијална закана за Европската Унија, предупреди Паоло Џентилони, еврокомесар за економија и бивш италијански премиер. Тој рече дека Унијата има и „историска можност“ да подготви план за спасување на европската економија. Во интервју дадено само неколку дена откако Европската комисија предупреди дека ЕУ влегла во „најдлабоката економска рецесија во својата историја“, Џентилони посочи дека на Унијата ѝ е потребен цврст план за закрепнување за да се избегнат ризиците од економската поделба. По карантинските мерки, ЕУ очекува економски пад од 7,5 отсто за 2020 година, што би бил поголем од падот за време на финансиската криза во 2009 година.

Мадрид – Една 113-годишна жена, за која се верува дека е најстарата жена во Шпанија, успеала да се излекува од ковид-19, соопштија шпанските власти. Марија Брањас била заразена со коронавирусот откако земјата воведе строги карантински мерки во март. Но по неколку недели минати во изолација со слаби симптоми, Брањас оздравела. Тоа значи дека жената во текот на животот била сведок на пандемијата на шпански грип од 1918 до 1919 година, Граѓанската војна во Шпанија од 1936 до 1939 година и сега на коронавирусот.

Ерусалим – Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, вчера допатува во Израел во посета, која според Стејт департментот е фокусирана на пандемијата на коронавирусот и на прашањето со Иран во контекст на регионалната безбедност. Сепак, како што посочува магазинот „Форин полиси“, за време на посетата би можеле да бидат отворени и други клучни прашања. Помпео изјави оти ќе разговара за предложениот израелско-палестински план на администрацијата на Доналд Трамп, а критичарите велат дека посетата на Помпео всушност е поддршка за најавената израелска анексија на територии под палестинската управа, што предизвика лавина меѓународни критики.