Според литванските разузнавачки служби, Русија е способна да ја продолжи војната во Украина уште две години, пренесува ДПА.
– Сметаме дека ресурсите што Русија ги има на располагање денес ќе бидат доволни за да води војна со ист интензитет како сегашниот уште две години – изјави денеска полковникот Елегијус Паулавициус, од литванската воена разузнавачка служба, при презентацијата на годишниот извештај на неговата агенција.
Русија, под водство на претседателот Владимир Путин, стана „сè пототалитарна“, се додава во извештајот. Се вели дека војната во Украина ја поткопува „политичката и економската основа на режимот“.
-Неуспесите на бојното поле, натамошните мобилизации и влошувањето на економската ситуација може да имаат негативно влијание врз стабилноста на Русија – се наведува во извештајот.
-Во сегашната социјална и политичка средина, најверојатната алтернатива на режимот на Путин е друг авторитарен режим – оценуваат разузнавачките служби. Затоа Русија „веројатно останува закана и извор на нестабилност во регионот најмалку на среден рок“.
Литванија граничи со руската ексклава Калининград, како и со рускиот сојузник Белорусија. Разузнавачките агенции велат дека војната само до одреден степен и привремено ги ограничува воените капацитети на Русија во областа околу Калининград и во западна Русија.
-Сепак, „неограничената способност“ на Русија да испрати свои војници во Белорусија, исто така, има негативно влијание врз безбедноста на Литванија и другите земји на НАТО. Ова, исто така, ја намалува нивната способност за предупредување – рече Паулавициус, пренесува ДПА.