Фото: Фејсбук профил на кралското семејство

Ковчегот на кралицата Елизабета пристигна во Единбург, по шестчасовно патување од нејзината летна резиденција во шкотските висорамнини, а ја испратија десетици илјадници ожалостени, многумина во тишина, некои ракоплескаа, а некои во солзи.

Малку по 11 часот, возилото со дабовиот ковчег ги напушти портите на замокот Балморал, каде кралицата Елизабета почина во четвртокот на 96-годишна возраст и отпатува кон шкотската престолнина.

Ковчегот беше обвиен со шкотско кралско знаме со венец од цвеќе набран на имотот Балморал.

Голема толпа се собра во центарот на Единбург за да ја пречека поворката, во која беше и ќерката на кралицата, принцезата Ана, на пат кон палатата Холирудхаус, каде што ја пречека почесна воена стража.

Војниците на кралскиот шкотски полк потоа го однесоа ковчегот во салата со престолот во палатата, каде што ќе остане во текот на ноќта.

Принцот Вилијам почестен што станал новиот принц од Велс

Принцот Вилијам во денешниот разговор со велшкиот прв министер Марк Дрејкфорд изјави дека е почестен што станал новиот принц од Велс, се наведува во соопштение од палатата Кенсингтон.

Вилијам ја презеде титулата, која претходно ја имаше неговиот татко повеќе од 50 години, по смртта на неговата баба кралицата Елизабета Втора минатата недела.

-Принцот ја потврди својата длабока приврзаност, како и на принцезата, кон Велс, бидејќи нивниот прв семеен дом беше во Англеси“ и тие живееја таму првите месеци од животот на принцот Џорџ. Принцот и принцезата ќе ги поминат следните месеци и години продлабочувајќи ги своите односи со заедниците во Велс. Тие сакаат да ја одиграат својата улога во поддршката на аспирациите на велшкиот народ и да привлечат внимание и на предизвиците и на можностите што претстојат – се вели во соопштението.

Принцот исто така рече дека ќе и служи на земјата „со понизност и длабока почит“.