Фото: Маја Јаневска Илиева

Европската Унија мора да го продолжи процесот на проширување кон земјите од Западен Балкан, Молдавија и Украина, бидејќи нивното членство претставува една од најзначајните инвестиции во безбедноста и просперитетот на европскиот континент, изјави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, по средбата со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во Загреб.

Кошта истакна дека Хрватска има особено значајна улога во процесот на проширување, како најнова членка на Европската Унија која го поминала целиот процес на пристапување што денес ги очекува земјите кандидати од Западен Балкан.

– Вклучувањето на Западен Балкан, Молдавија и Украина во Европската Унија е најсилната инвестиција што ни е на располагање за безбедноста и просперитетот на нашиот континент. Тој процес мора да продолжи, врз основа на веќе воспоставениот принцип на напредување според постигнатите резултати, со целосно почитување на европските вредности и надградување на досегашниот напредок – порача Кошта.

Поддршката за Украина останува непроменета

Говорејќи за војната во Украина, претседателот на Европскиот совет нагласи дека Русија мора да ја прекине војната и да се воздржи од каква било понатамошна ескалација или проширување на конфликтот.

Кошта изрази солидарност со Германија по неодамнешниот инцидент во Лајпциг, оценувајќи дека ваквите напади и закани се неприфатливи.

– Русија мора да разбере дека нејзините закани и напади, без разлика дали станува збор за хибридни или други форми на дејствување, нема да ја натераат Европската Унија да го промени својот став. Нашата позиција се заснова на меѓународното право, почитувањето на суверенитетот, територијалниот интегритет и мирот. Затоа ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина, без оглед на обидите за закани и заплашување – истакна Кошта.

Новиот буџет на ЕУ меѓу клучните приоритети

Како еден од главните приоритети, Кошта го посочи и постигнувањето договор за буџетот на Европската Унија за периодот од 2028 до 2034 година до крајот на годинава.

Целта, како што наведе, е средствата да бидат достапни за граѓаните и компаниите уште од почетокот на 2028 година.

Новиот европски буџет, според Кошта, треба да одговори на променетите геополитички околности и да обезбеди поголеми инвестиции во одбраната и безбедноста, конкурентноста, иновациите и стратешката отпорност.

Истовремено, тој нагласи дека треба да продолжи поддршката за кохезивната и земјоделската политика.

За постигнување договор, според него, ќе биде неопходно да се разгледаат и нови извори на приходи на ниво на Европската Унија, бидејќи националните буџети не можат неограничено да ги зголемуваат своите придонеси.

Посетата на Загреб е дел од турнејата на Кошта низ земјите членки на Европската Унија, во рамки на подготовките за новата повеќегодишна финансиска рамка. По посетите на Луксембург, Хрватска и Унгарија, претседателот на Европскиот совет продолжува со разговорите со европските лидери за идните буџетски и политички приоритети на Унијата.